Организација на резервни офицери на Република Македонија
Топ вести
ДОСТОИНСТВЕНО ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА РЕЗЕРВНИТЕ ОФИЦЕРИ
07/05/2016

Традиционалното одбележување на Денот на резервните офицери на Република Македонија, се организира на 7-ми мај, со кондиционо-едукативен марш во Демирхисарскиот регион на релацијата: манастир „Св. Јован Претеча“ – манастир „Св. Илија“, во должина од 10 км.

            На оваа еднодневна обука, учествуваа 100-ина млади резервни офицери и подофицери од 7 ООЕ на ОРОРМ (Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Кичево-Македонски Брод, Демир Хисар).

            За значењето на манастирот „Св.Јован Претеча“, едно од најстарите духовни светилишта во Македонија, изграден во 7.век, а по опожарувањето, обновен во 14.век, говореше проф. Ванѓелко Лозаноски. Тој, меѓу другото, нагласи дека во манастирот се одвивала богата книжевна дејност во функција на ширење на словенската писменост и култура, а многу познати револуционери од Илинденскиот период престојувале во него и духовно се напојувале со слободарските традиции.

            Во текот на маршот, на падините на Бигла Планина, на 1.150м. надморска височина, беа обновени знаењата од движење по азимут со користење на бусола и топографска карта. Всушност, мајорот Сашко Палески од Артилерискиот баталјон на АРМ во Прилеп, изврши географска и топографска ориентација и одредување на стојна точка, што беше проследено со посебно внимание од најмладите учесници на маршот.

            По пристигнувањето на учесниците на маршот во манастирот „Св.Илија“ и по краткиот одмор и освежувањето со топол планински чај во студениот врнежлив ден, проф.д-р Менде Солунчевски, одржа предавање за историското значење на Демирхисарскиот регион во Илинденскиот период, при што презентира голем број факти, досега недоволно познати за пишироката јавност.

            Централното прашање во неговата впечатлива презентација на историските настани, беше Големиот бој кој се смета за втора најголема борбена операција по завршувањето на Илинденското востание. Во прилог на ваквата оценка се податоците дека во периодот од 21.август до 30.септември 1903 година, по задушувањето на Крушевската Република и повлекувањето на востаничките чети кон Демирхисарските планини, на простор од 83км2, во регионот на Бигла и Плаќенска Планина, функционирала Демирхисарска слободна територија со 1.000 вооружени востаници и 4.300 месно население.

            Во големиот воен судир на 30.септември 1903 година, во кој загинале вкупно 95 луѓе (78 припадници на аскерот и 17 востаници), односот на силите бил 1:12.

            Турската војска, предводена од Бахтијар паша, со околу 10.000 пешадија и башибозук, со 14 топови и со 4 ескадрони коњаница, не успеала да ги уништи востаниците што ги предводел командантот на Главниот востанички штаб, Дамјан Груев. Тие, во вечерните часови успеале да го пробијат опкружувањето и во 3 групи да отстапат во непристапните планински простори во Демирхисарскиот регион.

            Целодневните жестоки борби на Бигла и Плаќенска Планина, покажале дека планот за уништување на востаничките сили, преставувал само илузија која скапо ги чинела Османлиските владејачи, нагласи на крајот на своето излагање професорот Солунчевски.

            По завршувањето на планираните содржини во рамките на оваа еднодневна теренска активност, беше организиран заеднички ручек во манастирот „Св.Јован Претеча“, што го подготви Вториот логистички баталјон на АРМ во Кичево со кој командува потполковник Ванчо Ташев.

Активности
14/10/2017
ООЕ на ОРОРМ Куманово во периодот од 13.октомври до 15.октомври 2017 година, беше во посета на Сојузот на резервни офцери и подофицери од Краљево...